Професор од берлинската академија раководи со проектот во лапидариумот на кавадаречкиот музеј
Во рамките на одбележување на меѓународниот ден на Музеите 18ти мај, Локален Музеј – Галерија Кавадарци го стартуваше и проектот „Документирање на епиграфски споменици“. Проектот се реализира во Лапидариумот на Локален Музеј Галерија – Кавадарци а раководител на проектот е проф. Д-р Клаус Холоф од Берлинската Академија на Науки, придружуван од неговиот соработник Историчар на религија Џулијан Ожеро. Податоците кои што се обработуваат ќе бидат објавени во книгата „Корпус на натписи од Повардарие и Источна Македонија“. Светскиот ден на Музеите се одбележува на 18ти мај од 1977 година, со цел да се подигне свеста за важноста на музеите и културното наследство во развојот на едно општество. Утврден е од Меѓународниот Совет на Музеите – ИКОМ (ICOM – International Council Of Museums) кој е формиран во 1946 година. Целта на основањето на ИКОМ е да се создаде мрежа на музеи и музејски професионалци од земјите ширум светот кои се грижат за промовирање и заштита на природното и културното наследство, сегашното и идното, материјалното и нематеријалното, а се состои од околу 45 000 професионалци во над 138 земји со 118 национални Комитети и 32 меѓународни Комитети. Нашата држава се вклучи во оваа мрежа во 1993 година, со формирањето на Македонскиот национален комитет (МНК).
М.В.