МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Kривичната пријава за измама и злоупотреба на службена положба и овластување ја поднесе ВВ „Повардарие„ Неготино.

Пријавата е против поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков, екс. заменик министерот Ванчо Костадиновски и бившиот заменик министер за економија Кристијан Делев, до Основното јавно обвинителство во Скопје.

“Повардарие” како друштво кое се занимава со откуп на грозје и производство на вино, ја поднело пријавата поради основано сомнение за сторено кривично дело.

Имено, како што стои во пријавата, во текот на месец септември минатата година подносителот на пријавата преку неговите претставници, бил повикан на состанок од пријавените, во просториите на Министерството за земјоделство. Целта на средбата биле преговори околу откуп на грозје од лозарите од страна на “Повардарие” и субвенциите кои по закон требало да се исплатат на винарницата од страна на министерството.

-Од страна на пријавените во текот на состанокот се инсистираше подносителот на откупи што е можно поголема количина на грозје од лозарите, со ветување дека субвенциите ќе бидат исплатени веднаш по завршување на бербата, стои во пријавата.

Од страна на претставниците на винаријата било укажано дека немаат потреба од поголема количина на грозје.

-Меѓутоа пријавените инсистираа да се откупи поголема количина на грозје и повторно укажаа дека субвенциите ќе се исплатат на време, пишува во кривичната.

Пријавените укажале дека за нив било многу важно да им се откупи грозјето на лозарите поради претстојните републички избори.

Во текот на состанокот, од претставниците на винарската визба било укажано дека имаат извршно решение од Министерството за финансии, царинска управа и дека планираат да го платат тој долг.

-При што беше укажано дека е можно парите кои беа планирани во тој момент да се уплатат за долгот кон царината врз основа на извршни пресуди, да се пренасочат кон откуп на поголема количина на грозје, со обврска пријавените како функционери во Владата да издејствуваат за одреден временски период Царината да не поведува постапка, се вели меѓу другото во кривичната пријава.

Според неа, пријавените дале ветување дека Министерството за финансии нема да поведе постапка за наплата на долгот за извесен временски период и дека околу еден милион евра може да се употребат за откуп на поголема количина на грозје. Бидејќи ветувањето било дадено од функционери и верувајќи им, винарницата откупила 23 милиони килограми грозје, иако објективно немала потреба од толкава количина. Но, после откупениот род, следело поведување на стечајна постапка од страна на Минсистерството за финансии.

-Исто така, до ден денес не се исплатени субвенциите кои по закон и следуваат на винарницата и кои биле ветени од страна на пријавените, децидни се од винаријата.

Со цел да избегне стечај, винарската визба морала да го намири долгот кон царинската управа.Со сето тоа, стои во пријавата, пријавените со лажно прикажување на факти, создале погрешна претстава и ја довеле во заблуда винарницата.

-На ваков начин пријавените презеле измамничко дејство и го навеле подносителот да стори нешто на штета на својот имот, стои во пријавата од две ипол страници.