Најмладиот планинар од Македонија освои пет врва во Словенија
Ване Бошев кои има само 7,5 години од Неготино продолжува да освојува планински врвови во Европа
Пет планински врвови освои на Јулските алпи во Словенија најмладиот планинар од Македонија, 7.5 годишниот Ване Бошев од Неготино, тој е најмладиот македонец кој стапнал на секој од нив, информираат од Спортско планинарскиот алпинистички и ориентационен клуб “Антигонеа” од Неготино.
-Бошев беше дел од 16 члената експедиција од повеќе планинарски друштва од Македонија, Србија и Босна која деновиве ги освои врвовите “Мала Мајстровка” 2356 метри надморска височина, “Голема Мајстровка” 2500 метри, “Мангарт” 2678 метри, “Мал Триглав” и “Триглав” со 2864 метри надморска височина, соопштуваат од клубот.
-Времето беше прекрасно, на места мораше да се користи и алпинистичка опрема. Не ми беше тешко, ми беше интересно бидејќи совладував и нови техники. Планинарев вкупно 36 часа и среќен сум што успеав-вели младиот Бошев.
Неговиот татко Орданче кој е исто така долгогодишен планинар и од кого Ване ја има наследено љубовта кон планинарењето, призна дека самиот искачил само два од петте врва во Словенија.Заедно ни открија дека не застануваат тука и дека подвизите на младиот вљубеник во природата и планините ќе продолжат и понатаму. Веќе имаат испланирано на кои се планинарски акции ќе учествува младото момченце кое планинари од свои неполни три години и досега има освоено педесетина планински врвови во државава и странство.
Младата надеж на македонското планинарење има добиено и признание од Федерацијата на планинарските спортови на Македонија лично врачена од претседателот Јовица Угриновски. Неговиот сон е на 10 години да се качи на врвот “Мон Блан”, највисокиот врв во западна Европа висок 4.808 метри надморска височина и да биде најмладиот на кој му успеало тоа.