КОШАРКАРСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА ПО ВТОРПАТ ГО ОДЛОЖИ НАЈКВАЛИТЕТНОТО НАТПРЕВАРУВАЊЕ КАЈ МАЖИТЕ
Иако беше најавено и требаше да стартува викендов сепак и кошаркарското првенство е ставено во стенд бај позиција откако скринингот направен од страна на КФСМ покажа дека речиси во секој прволигаш има најмалку по еден позитивен на Ковид-19. Покрај веќе објавените седумина заразени во екипата на „Академија ФМП“, која е во изолација заедно со тимот на „Вардар“ поради меѓусебната пријателска средба, неофицијално во моментов има тројца со позитивен тест во новиот прволигаш „ТФТ“, двајца во „МЗТ Скопје“, а по еден во „Гостивар“ и „МЗТ Скопје УНИ Банка“. Претходно, заразен имаше и во „Работнички“. Во моментов се очекуваат резултатите од тестирањето на останатите тимови а токму денеска се тестираат и кошаркарите, стручниот штаб и раководните структури на МКК „Еуро Никел“. Ваквиот наплив на нови случаи со Ковид-19 значи и поголем број екипи кои во целост би заминале во изолација. Сето ова навестува дека стартот на Првата лига ќе биде пролонгиран најверојатно за уште две недели, по што челниците на КФСМ ќе донесат одлука за тоа дали и како ќе почне новата сезона. Во очекување на комплетните резултати од ПЦР. Во наредниот период, федерацијата ќе ја следи состојбата во нашата држава од здравствен аспект. Во консултации со Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, ќе биде донесена одлука за тоа кога и како ке почне натпреварувањето во кошаркарската елита, се вели во соопштението на КФСМ. Ова е веке вторпат да се пролонгира стартот на новата кошаркарска сезона.
м.в.