Кавадаречкиот селектор ке се обиде да го повтори успехот кој го направи минатата година со М16 селекцијата
Никола Златев минатата година со успех ја предводеше женската М16 кошаркарска селекција на Македонија на ФИБА челенџот во Грузија и оправдано е прекомандуван во малку повозрасната јуниорска репрезентација која на 22 јуни во Кавадарци ќе означи почеток на подготвителниот период. Златев заедно со своите стручни соработници ќе ги прозива девојките кои ќе се борат за место на листата од дванаесет кошаркарки за настап на континенталното првенство, закажано за во Софија, Бугарија во периодот од 30 јули до 7 август. Македонската репрезентација е сместена во групата А заедно со соодветните национални селекции на Босна и Херцеговина, Португалија, Велика Британија и Луксембург. За овој собир повикани се Божица Стоевска, Михаела Алексовска и Ксенија Петревска од Крива Паланка, Ана Милованова и Марија Николов од Баскет Кам,Мартина Блажевска и Мартина Марковска од Бадел, Христина Ставреска и Евгенија Ташеска кои настапуваат во САД, Нина Зафирова од Вардар, Елена Ангеловска од Клупски, Клементина Модева од Струга, како и троецот на Трокал Лиле Миткова, Анастасија Тодорова и Љубица Бошкова кои како и поголемиот дел од повиканите кошаркарки беа дел од М16 составот кој минатата година работеше со Златев. Првиот собир е закажан за 22 јуни, во салата Партизан во Кавадарци со почеток во 12:00 часот.
М.В.