14 мај се навршија 75 години од формирањето на тиквешкиот партизански одред “Добри Даскалов“.
По долги и сериозни подготовки на овој ден 1943 година на планината “Вишешница“ во близина на Полошкиот манастир е формирана оваа партизанска единица. Штабот на одредот го сочинуваат: Никола Минчев-командант, Лазар Калајџиески-заменик командант, Димката Габерот-политички комесар и Петар Пепељуговски-зам. полит. комесар. За кратко време одредот врши неколку значајни акции со кој му нанесува сериозни загуби на бугарскиот окупатор. На 14 мај-Ресава, 17 мај-Гарниково, 18 мај-Бојанчиште, караулите Шаренка и Порта, Драгожел, Драдња, Шешково, Праведник, Галиште итн. За да го уништи одредот окупаторот презема голема офанзива во која вклучува 12.000 војници, полицајци и контрачетници. Одредот претрпува сериозни загуби, загинаа: Блажо Тодоровски-Чичето, Димката Ангелов-Габерот, Ило Виларов, Пано Мударов, Стојан Крстев и др. Во помали групи поради силниот притисок и постојаните борби борците се префрлуваат во Егејска Македонија каде се врши обука на борците, тактичко-маневарски вежби и политички предавања, а во помали групи се префрлуваат во Тиквешијата и вршат помали акции. Со одлука на ГШ на НО војска и партизански одреди на Македонија од одредите “Добри Даскалов“ и “Сава Михајлов“ и делови од битолскиот одред “Гоце Делчев“ на 24 септември 1943 година е формиран баталјонот “Страшо Пинџур“.